Принципи за „фер употреба“ на туѓи авторски дела во известувањето на онлајн медиумите

Интернет и новите технологии придонесуваат за многу полесна и подиректна размена на информациите и знаењето меѓу луѓето, а таа размена поради нејзиниот обем многу тешко се контролира. Меѓу областите што трпат големо влијание е и областа на авторските права и правата на интелектуална сопственост и нивната заштита.

Новинарството, во својата денешна форма, е практично невозможно без повикување и реферирање на претходно објавеното известување. Истовремено, мора да се води внимание за заштитата на авторските права на новинарите и медиумите, проблем кој постои во целиот свет.

Не навлегувајќи во проблемите што интернет и денешното дигитално опкружување ги носат на полето на заштитата на авторските права во културата, индустријата на забава, филмската и музичката уметност, се залагаме за неколку принципи кои имаат за цел да се воспостави една етички заснована професионална пракса што новинарите и медиумите ќе ја усвојат во своето известување.

Принципите наведени подолу се наменети за издавачите на онлајн медиуми и имаат за цел, на принципот на саморегулација, да го уредат користењето на туѓи авторски дела во информирањето на јавноста, на начин кој ќе биде прифатлив и во согласност со доктрината на „фер употреба“, но и со постоечките добри пракси и обичаи на новинарската професија.

Овие принципи во еден дел се засновани на доктрината на „фер употреба“ која дозволува употреба на делови од авторски дела без потреба да се обезбеди дозвола од носителите на правата – за потребите на информирање на јавноста, за критика или коментирање, пародирање, во наставата, за научни истражувања, итн. Иако македонскиот Закон за авторското право и сродните права експлицитно не ја спомнува под тоа име, нејзините основни постулати во голема мерка се поклопуваат со исклучоците што овозможуваат користење на авторски дела без надомест што се наведени во Законот.

Потписниците ги прифаќаат следните принципи за користење на авторски дела и делови од авторски дела во своето известување:

Новинарството не може да ја врши својата општествена функција на информирање најавноста без повикување на претходно објавени новинарски трудови, вести, извештаи и коментари. Сметаме дека цитирањето на новинарски авторски дела (независно од жанрот) е добредојдено и прифатливо, доколку е ограничено и е „во разумна мера“, а пожелно е на претходното известување да му се даде некаква додадена вредност.

Пренесување на цел новинарски текст веќе објавен од друг автор во друг медиум (печатен или онлајн) го сметаме за неприфатливо, освен по претходно добиена дозвола од авторот или носителот на авторските права.

Сметаме дека во таков случај, единствено е правично и фер атрибуцијата на изворот да оди во насловот и, со хиперлинк на оригиналната содржина на почетокот на превземениот текст.

Идеите и фактите не подложат на заштита според законите за авторски права. Според тоа, никој не може да побара „ексклузивна“ сопственост врз фактите за некој настан, или врз идејата да се известува за некој настан или општествена состојба.

Цитирањето на туѓи новинарски текстови е прифатливо само со соодветна атрибуција (наведување на изворот и авторот). Вршењето на новинарската професија зависи од повеќе специфични вештини и способности а потрагата по вистинска информација или извор често бара поголем труд. Соодветната и правилна атрибуција обезбедува и признание од колегите за трудот вложен во потрагата по информации. Атрибуцијата би требало секогаш да следи непосредно пред или по цитатот и секогаш со хиперлинк кој води кон оригиналната содржина.

Притоа, доколку се пишува текст базиран единствено врз база на информација од друг медиум, пожелно е името на цитираниот медиум да стои во насловот.

Дури и кога се презема цел текст, по претходно одобрување од авторот или носителот на авторските права, праксата атрибуцијата да оди само на крајот на преземен текст е неприфатлива. Атрибуцијата во таков случај треба да биде на почетокот на текстот, нешто што секако е дел од добрите обичаи на новинарската професија.

Прифаќаме дека фотографиите и илустрациите не се опфатени со никакви исклучоци од законодавството на полето на авторските права. Пренесувањето фотографии е прифатливо само со претходна дозвола на авторот или носителот на авторските права.

Постои разлика помеѓу вградувањето („ембедирањето“) и копирањето на видео материјали.

Копирањето, симнувањето и менувањето на туѓи видео материјали поставени на некој од видео-сервисите како You Tube, Vimeo или слични без претходна дозвола на авторот или медиумот не е можно. Но, ембедирањето на истите на ваша веб страница, доколку авторот што ги поставил не ја оневозможи опцијата за ембедирање при поставувањето на видеото на сервисот е можно без да се консултира авторот и не се смета за прекршување на авторските права. Секако, и при ембедирањето задолжителна е соодветна атрибуција од која јасно ќе се гледа кој оригинално ја објавил ембедираната содржина.

Не може да се постави повисоко ниво на заштита на правата. Во новото дигитално окружување, се позначајни и почесто користени се разни јавни и отворени лиценци за авторски права. Во случај на користење на авторски дела заштитени со некоја јавните лиценци за авторски права, какви што се лиценците на „Криејтив комонс“, неприфатливо е преземениот текст да се заштити со повисоко ниво на заштита. Кај таквите дела мора да остане истиот степен на заштита и истите критериуми за употреба и атрибуција.

Цитирањето на делови од анализи или коментари за поттикнување јавна расправа е дозволено. Цитирањето и употребата на делови од анализи, коментари, воведници или колумни, со цел да се спори со тезите или тврдењата изнесени во нив е потребно и дозволено.

По истиот принцип, цитирањето на авторски дела за потребите на пишување на рецензија/критика на уметничко дело е прифатлива, но само за да се илустрираат изнесените ставови за предметното дело.

Универзалност на принципите. Иако овие принципи, пред сé, се обид за уредување на меѓусебните односи во новинарската професија, ќе се залагаме овие принципи да се применуваат на сите авторски дела, како и на материјалите преземени од странски информативни интернет-страници.

Прифаќањето на овие принципи не значи дека потписниците, или други лица, нема да можат, или дека се откажуваат од правото да побараат заштита од надлежните органи според Законот за авторското право и сродните права, во случај на кршење на нивните авторски права.

Прифаќањето на горенаведените принципи не значи дека потписниците и информативните сајтови што ги прифатиле не можат да склучуваат меѓусебни договори со други информативни сајтови за уредување на меѓусебните односи на полето на авторските права, односно за размена на информации, вести и новинарски статии.