Практични совети
КОЛИЧЕСТВО МАТЕРИЈАЛ ШТО МОЖЕ ДА СЕ ПРЕВЗЕМЕ ПРИ ДИРЕКТНО ПРЕНЕСУВАЊЕ НА СТАТИИ
Законот за авторското право и сродните права, во Член 52, дозволува „Умножување и јавно соопштување написи, статии и други слични дела за актуелни стопански, политички, религиозни и други слични теми, со цел на известување на јавноста, до степен оправдан со целта, освен ако тоа не е посебно забрането од страна на авторот и под услов да се наведе името на авторот и изворот, освен доколку тоа е невозможно“.
Во комбинација со одредбата од Член 16, кој вели дека „Дневните и други вести кои имаат карактер на обични медиумски информации, едноставни факти и податоци“ не се сметаат за авторско дело, Законот практично на сите новинари и медиуми, а со тоа и на оние новинари што работат на интернет, им ја нуди опцијата да преобјават кратка вест, односно оној дел од текстот што дава одговор на петте новинарски прашања.
Препорачуваме, а на тоа не упатува и законот преку фразата „до степен оправдан со целта“ што и тој ја користи, таквото цитирање да се користи, пред се, во случаите кога имаме нови информации или нов агол на гледање на веќе објавена приказна. Тешко е да се даде квантифицирана одредница, во смисла на одреден процент од целиот текст (особено кога се работи за текстови што припаѓаат на новинарскиот жанр „вест“, меѓутоа препораката е цитираното да не надминува повеќе од 15-20 проценти од целиот текст што се цитира. Секако, цитирањето е прифатливо само со соодветно наведување на изворот на оригиналното објавување.
АТРИБУЦИЈА НА ИЗВОРИТЕ:
Цитирањето или користењето на туѓи зборови, извештаи, вести и други новинарски статии без соодветна атрибуција на изворот или авторот на оригиналниот извештај се смета за потполно неприфатливо однесување. При наведувањето на изворите, битно е да се внимава на неколку поенти, а особено на местото на кое се наведува изворот.
- Сегашната пракса на наведување на изворот на крајот од текстот е целосно неприфатлива. При такво превземање (што го сметаме за неприфатливо иако може да е во согласност со Законот за авторското прави и сродните права), треба да се користи урнекот што се користи за објавување на вести добиени од новинските и информативните агенции, односно атрибуцијата да се наведе на самиот почеток на текстот.
- При цитирање, изворот треба да се наведе и соодветно да се именува веднаш по завршувањето на цитатот, проследено со соодветно наведување на хиперлинк.
- Ако се работи за информација која целосно е заснована на известувањето на друг медиум, името на медиумот би требало да се наведе во насловот.
ЛИНКУВАЊЕ СО ХИПЕР-ЛИНКОВИ
- Поставувањето на хипер линкови се прави во секоја прилика кога се спомнува изворот, при што основниот линк ќе води на оригиналната објавена содржина и ќе се отвара во ново прозорче.
- Еден хипер-коректен пристап претпоставува дека таму каде што се спомнува името на медиумот што е извор на информацијата или цитатот што го користиме, линкот да води до насловната страна (homepage), со посебен линк што води и до конкретната содржина што се цитира. (Забелешка: На оваа пракса се повеќе се инсистира во западните земји затоа што на насловната страна се наоѓаат и главните реклами и нејзиното значење во броењето на кликовите и пресметувањето на рејтинзите).
(Општа забелешка: Забележливо е дека македонските новински/информативни веб страници многу малку линкуваат во своите текстови. Тоа иако не е нужно поврзано со авторските права, е прашање на „добро воспитување и однесување“ на интернет.
Начелно, идејата е секаде каде што се користат некакви податоци, информации, при секое спомнување на некаква институција и слично, таа да биде врзана со хиперлинк што води до нејзината интернет страница).
ВИДЕО
- Копирањето, симнувањето и менувањето на туѓи видео материјали поставени на некој од видео-сервисите како You Tube, Vimeo или слични без претходна дозвола на авторот или медиумот не е можно.
- Но, ембедирањето на истите на ваша веб страница, доколку авторот што ги поставил не ја оневозможи опцијата за ембедирање при поставувањето на видеото на сервисот е можно без да се консултира авторот и не се смета за прекршување на авторските права.
- За оние што немаат сопствен видео-сервер и ги користат услугите на некои од видео сервисите спомнати погоре, пожелно е добро да ги разгледаат политиките за авторските права и можностите што стојат на располагање за поставување на некакви ограничувања на можноста за пристап и користење на видео материјалите.
ПРЕНЕСУВАЊЕ НА ИЗЈАВИ ИЗВОРНО ОБЈАВЕНИ НА ДРУГ МЕДИУМ
ЦИТИРАЊЕ НА ИЗВЕШТАИ И ДРУГИ ДОКУМЕНТИ ПОДГОТВЕНИ ОД РАЗНИ ИНСТИТУЦИИ
ФОТОГРАФИЈА
- Фотографиите во ниту еден правен систем или земја не се исклучени од обврската за претходно барање дозвола од авторот за нивно објавување или користење на каков било начин.
- За веб-страниците на кои им требаат фотографии за илустрација на текстот („Stock“ фотографија), постојат повеќе страници на интернет што нудат фотографии и илустрации што се во јавниот домен или со авторски права заштитени со некоја од „Creative Commons” лиценците.
- Во секој случај, атрибуцијата на фотографиите е задолжителна, при што во најмала рака треба да се наведе, во легенда под фотографијата, името на авторот. Доколку не сте сигурни каква атрибуција да дадете, проверете што за тоа вели изворот. На пример, белградскиот Медија центар нуди фотографии од настаните што се организираат во неговите простории, или од настани што ги организира Медија центарот, бесплатно и за слободна употреба, при што дава детални упатства за потписот под фотографијата – во нивниот случај треба да се наведе „Медија центар Београд“ или линкот www.mc.rs.